Приказни Alfa Romeo 6
“Приказни Alfa Romeo”, шеста епизода: co Duetto, италијанскиот spider стаса во Холивуд
Giulietta Spider на почетокот на шеесетите ја освојува публиката во италијанските кина, во режија на Фелини и Антониони: тоа е генерална проба како она што е Made in Italy да го освои Холивуд и Соединетите држави.
Нејзиниот наследник е автомобил кој е способен да ги спои ѕвездите како што се Стив Мек Квин, Дастин Хофман и Мохамед АЛи: станува збор за Alfa Romeo Duetto.
Верен на историјата на Бишоне, не е само превозно средство со кое се пополнува просторот, туку елегантен автомобил кој подарува такви перформанси кои воодушевуваат и пружа пефинето уживање во возењето.
Неговите способности се искажуваат низ четири генерации и во преку 124 илјади произведени примероци во текот на 28 години: најдолг век на еден модел на Alfa Romeo!
Холивуд врежан во судбината
“It is a very forgiving car. Very pretty, too”. (Тоа е автомобил на кој навистина не може да му се одолее. И многу убав.) Така вели за Duetto еден вистински џентлмен и исклучителен возач: Стив Мек Квин, кој летото 1966 е повикан од списанието Sports Illustrated да го проба италијанскиот спајдер, како и неколку други “брзи пријатели”. Автомобилот којшто го возеше Мек Квин е една од првите Alfa Romeo 1600 Spider дојдени „преку големата бара“, после појавувањето на Саемот во Женева неколку месеци порано. Мислењето за автомобилот ја доловува суштината на моделот Duetto и единственоста на Alfa Romeo: уживање во возењето и чиста убавина.
Неговото мислење е и технички авторитативно. Стив Мек Квин е колекционер на супер автомобили и возач на одлично ниво, кој пристигна втор во неговата категорија на трката 12 Часа во Себринг во 1970 задно со Питер Ревсон.
Една година потоа и Дастин Хофман вози Duetto, вози со полн гас по нотите на Сајмон & Гарфанкел во незаборавниот филм “Дипломец”. Сликите кои стануваат дел од историјата на филмот и вдахнуваат почеток на една нова приказна: Duetto стапува на сцена на стотина филмови на малиот и на големиот екран и сама по себе станува „култен“ автомобил. И светскиот шампион во бокс Мохамед Али го обожава: преземајќи го мотото “Float like a butterfly, sting like a bee” (Летам како пеперутка, боцкам како пчела), ја персонализира табличката на која пишуваla “Ali Bee”(Али пчелата).
Така започнува кариерата на филмската дива Duetto. Ние пак, се враќаме чекор наназад за да ги запознаеме нејзините корени: техничката иновација на Giulia и шармот на Giulietta Spider.
Создадена за да ја открие Америка
И во историјата на Giulietta Spider има еден Хофман. Не е актерот Дастин, туку Макс Един Хофман: екс тркачки возач, присилен од нацистите да ја напушти Австрија, заминува во Соединетите држави каде за кратко време станува американски увозник на автомобили од еввропските производители.
Макс е многу повеќе од обичен „трговец“: тој е темелен познавач на пазарот. Ја насочува пазарната политика, бара специфични модели, предлага промени на стилот – и со своите совети придонесува во создавањето на неколку од најобожаваните спортски автомобили на светот. Меѓу нив и Giulietta Spider.
Spider за Хофман е предизвик. Отпрвин ја бара од Alfa Romeo, во 1954, веднаш по лансирањето на Giulietta Sprint. Чувствува дека може да стане совршен автомобил за Пацифичкиот брег – и знае дека сите во Холивуд ќе сакаат да имаат по еден таков автомобил. Толку е сигурен во својот успех што уште пред да ги види дефинитивните скици изјавува дека е подготвен да набави стотина верзии од моделот.
Убавата госпоѓица (La Bella Signorina)
Хофман успева да ги убеди Франческо Кварони и Рудолф Хруска и проектот започнува да се реализира. Стилот е предмет на натпревар меѓу два дизајнери, најистакнати во тоа време: Бертоне и Пинин Фарина. Бертоне претставува екстремна верзија, наследничка на концептот “2000 Sportiva” на Франко Скаљоне: зашилена предница, вовлечени предни фарови, задни перки. Предлогот на Пинин Фарина е дизајниран од Франко Мартиненго и со него се истакнуваат елеганцијата и класичната рамнотежа на формите.
“Убавата госпоѓица”, како што ја дефинира Пинин Фарина, поседува панорамско предно стакло, странични стакла на лизгање. Од внатрешната страна на вратата нема брава за отворање: врата се отвора со јаже. Дури подоцна ќе пристигнат традиционалното предно стакло, страничните стакла на спуштање, панели на вратите со брава за отворање, кров на преклопување, надворешни рачки на вратите и нов ентериер.
Чист концепт за спортски автомобил, потврден со екстремно сјајни перформанси. Spider го поседува моторот на Giulietta: четири цилиндри во линија од 1.290 cm³ работна зафатнина, којшто испорачува 65 коњски сили и автомобилот достигнува максимална брзина од 155 km/h. Моќноста продолжува да се искачува во следните верзии – почнувајќи од Spider Veloce од 1958 со 80 коњски сили.
Хармонична, млада, отсечна. И убава. Giulietta Spider му се допадна на филмот: Фелини ја претставува во филмот “La Dolce Vita” (Сладок живот), Антониони ја избира како автомобил за Ален Делон во филмот “L’eclisse”(Еклипса – Затемнување на сонцето). Станува статусен симбол: сакана од познати личности, посакувана од сите.
Made in Italy
Доаѓа мигот Giulietta Spider да добие наследничка. Лураги и неговиот тим знаат дека не е доволно да се направи одличен автомобил: потребно е да се создаде нов, но со истата харизма. Претставувањето треба да биде настан за паметење – свечена церемонија, малку како обред ,малку како крунисување.
Alfa Romeo мисли на големо. За лансирањето во САД организира крстосување и ги кани најексклузивните личности од светот на спектаклот, спортот и модата. На бродот има 1.300 ВИП личности, меѓу нив и Виторио Гасман, Росела Фалк и сопранот Ана Мофо. Италијанскиот турбоброд „Рафаело“ патува од Џенова до Њујорк, попатно застанува во Кан, за време на одржувањето на Канскиот филмски фестивал – и во текот на целото крстосување, на мостот на бродот се изложени прекрасни три примероци на новата Spider: една во зелена боја, една бела и една црвена. Истакнувајќи го италијанизмот на производот на овој начин, Alfa Romeo цела деценија пред неговото утврдување го најавува мотото “Made in Italy”.
Техничка наследничка на Giulia
Alfa Romeo Spider 1600 е создадена на платформата на Giulia, co намалено меѓуоскино растојание на 2.250 mm; механиката е современичка на Giulia Sprint GT Veloce (еволуција на Sprint GT). При лансирањето, Duetto е опремена со класичен мотор со четири цилиндри во линија со двојна осовина од 1.570 cm³ излеан во лека легура, способен да спушти на тркалата сила од 108 коњски сили со тежина на суво од помалку од 1.000 килограми. Максималната брзина е 185 km/h.
“Duetto” или “Osso di Seppia”?
Името на моделот е посебна приказна. За неговиот избор се организира награден конкурс во соработка со сите концесионери во Европа. Победува “Duetto” (Дует, дуо) – но се појавува прашање за право на сопственост на ова име (бидејќи под исто име веќе постои чоколаден бисквит), што налага автомобилот да се лансира под името “Alfa Romeo Spider 1600”.
Името Duetto останува и се утврдува во меморијата на сите обожаватели и станува општо прифатено за сите генерации на автомобилот. Некои ја нарекуваат и: Spider од 1966, прва од серијата и последното ремек-дело на Батиста Пинин Фарина, наречена “Osso di Seppia” (Коска од сепија) поради својата елипсовидна форма: заоблени преден и заден дел, страничните делови се издадени нанадвор, а линијата на појасот е многу спуштена. Втората е “Coda Tronca” (Скратен заден дел) од 1969, која се разликува по аеродинамичната линија на задниот дел. Трета е “Aerodinamica” (Аеродинамичната) од 1983, создадена од изучувањата во тунелот за проби. Во 1989 доаѓа последната од генерацијата, таканаречената “IV Serie”(Четврта серија) – автомобил со чиста и флуидна линија, на некој начин навраќање на почетоците.
Четири генерации, преку 124 илјади примероци произведени за 28 години: најдолг живот на еден модел на Alfa Romeo.
