ALFA ROMEO Ф1 ТИМОТ ГО ПРЕТСТАВУВА НОВИОТ C42,
ЕДНОСЕД НА НОВАТА ЕРА


C42 беше претставен со сиот негов сјај. Конечно беше претставена најновата креатура на Alfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН, со нејзината привлечна црвено-бела боја, за да ја комплетира мрежата на учесници во една извонредната сезона на Формула 1.

По интензивната седмица на тестирање на патеката во Барселона, C42 беше виртуелно претставен со слики и видеа дистрибуирани до медиумите и фановите ширум светот.

C42 Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН е првиот автомобил произведен во Хинвил во рамките на буџетот за 2022 година за новата ера на Формула 1. Дизајниран под водство на техничкиот директор Жан Моншо, автомобилот радикално се разликува од минатото бидејќи ги користи можностите што ги нуди новиот ефект на тло (земја), новите аеродинамички решенија и новите пневматици од 18 инчи. Благодарение на новиот правилник, натпреварувањето ќе биде построго, од највисоките позиции па сè до последните на листата. C42, придвижуван од нов и помоќен мотор на Ферари, е автомобил дизајниран да води битка, искористувајќи ги сите прилики коишто ќе се појават на патеката.

Каросеријата е прекрасна и претставува суптилно навраќање во минатото, затоа што се  инспирира од историјата на марките Alfa Romeo и Sauber Motorsport, токму по повод триесеттото учество на тимот во Хинвил на светскиот шампионат во Формула 1. Создадена од Стилскиот центар на Alfa Romeo, новата боја му дава на автомобилот силен идентитет и препознатливост. Двете доминантни бои, црвената и белата, совршено се надоврзуваат една на друга. Црвената боја го покрива делот на моторот со дијагонален пресек којшто ѝ дава динамичност на каросеријата на автомобилот. Тука е сместен историскиот натпис Аlfa Romeo, во дијагонала: потсетување на почетокот на векот, на 1920-тите, кога се појави на тркачките автомобили на марката. Подолу е натписот Tonale, првиот компактен SUV на марката, којшто неодамна беше претставен. „Quadrifoglio“, симболот на спортскиот стил, се наоѓа во горниот дел потпрен на дијагоналата каде се среќаваат црвената и белата боја. На задниот дел од спојлерот е поставено тробојното знаме „Триколоре“ на кое гордо стои натписот „Аlfa Romeo“.

Во рацете на Валтери Ботас, победник на десет гран-при, и на Џоу Гуанју, првиот кинески Формула 1 возач и единствениот дебитант во сезоната 2022 година, C42 е подготвен да воодушеви.

Жан Филип Импарато, извршен директор на Аlfa Romeo: „Шампионатот 2022 ветува дека ќе биде највозбудлив во последните години. Новите правила, подновувањето со возачи и сосема новиот болид претставуваат за Ф1, а особено за тимот, вистинска револуција, а ние во Аlfa Romeo сме фокусирани да ги искористиме сите прилики кои ќе се појават. И за Аlfa Romeo 2022 година претставува година на метаморфоза, со лансирањето на Tonale марката се проектира во ерата на електрификација и поврзување, останувајќи верна на својата ДНК на благородниот италијански спортски дух од 1910 година. Затоа силно сакавме името „Tonale“ да биде присутно на едноседот.

Фредерик Васер, тимски директор на Аlfa Romeo Ф1 тим ОРЛЕН: „Почетокот на сезоната е секогаш возбудлив момент, во кој ги жнееме плодовите од работата која вклучува стотици луѓе во долг временски период. Едвај чекаме C42 да излезе на патеката, не само затоа што е првиот болид изграден по новите правила, што треба да ги направи трките постеснети и повозбудливи, туку и затоа што навистина веруваме дека ова е болидот што ќе му овозможи на тимот да направи чекор напред кон освојување на најдобрите позиции“.

Жан Моншо, технички директор на Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН: „Претставувањето на C42 може да се смета за почеток на новата сезона. Сепак, знаеме дека оваа презентација е само еден чекор на многу подолго патување на кое целиот персонал во Хинвил инвестираше многу време, ресурси и енергија. Дизајнот и конструкцијата на овој автомобил беше огромен потфат и многу  се гордееме со резултатот, но нашата работа сè уште не е завршена. Како и секогаш со нов правилник, развојот ќе биде значаен во текот на оваа сезона и мора да продолжиме да ги подобруваме перформансите на C42 за да напредуваме кон целите што си ги поставивме.“

Валтери Ботас, возач на Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН: „Импресиониран сум од нашиот нов автомобил, C42. Тоа е мојот прв болид на Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН, што го прави посебен, и навистина со нетрпение очекувам да го возам на Големата награда на Бахреин. Сметам дека е возбудливо што не знам што би можело да се случи на оваа прва трка. Тестовите нѝ овозможија да ги потврдиме нашите очекувања за тоа до каде сме и за постигнатиот напредок, но сега се приближуваме до моментот кој навистина е значаен. Од моето доаѓање чувствувам голема мотивација кај целиот тим: секој дава сè од себе, се труди да работи напорно за да биде конкурентен, а тоа ми дава дополнителен поттик кога сум зад воланот“.

Џоу Гуанју, возач на Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН: „Навистина сум возбуден за почетокот на сезоната и самиот поглед на C42 со боите со кои ќе се тркам сето тоа го прави многу пореално. Се наоѓаме на почетокот на една ера, со нови болиди и нов правилник, а тоа нуди можности за подобрување на сите тимови бидејќи сите почнуваат од нула. Сите во Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН ми помагаат од моментот кога се приклучив на тимот, а гледајќи ги работата, посветеноста и мотивираноста на сите, во Хинвил и на патеката, ме исполнува со гордост и ентузијазам. Едвај чекам да се најдам на листата учесници со овој болид и да работам со мојот тим за да ги остварам резултатите што си ги поставивме како цел“.

Роберт Кубица, трет возач на Аlfa Romeo Ф1 Тим ОРЛЕН: „Почетокот на една нова сезона е секогаш момент кога се спојуваат очекувањата, надежите и плановите: оваа година влогот е уште поголем бидејќи со новите правила влегуваме во сосема непознат свет. Конструирањето на новиот автомобил, C42, бараше многу работа и едвај чекам да видам какви резултати може да постигне тимот. Моја задача е да пружам што е можно поголема помош за развојот на автомобилот: свесни сме дека во оваа фаза автомобилот има доволно простор за подобрување и исто така знаеме дека секое надополнување може да направи разлика, така што работата што ја изведуваме во фабриката може да се биде суштинска за да се добијат резултати на патеката“.